Бошковски на чело на Струга: Одиме чекор по чекор, тргнуваме со млади играчи

Струга заврши фантастична работа во рамките од Првата лига, стигнувајќи до втората позиција, а потоа преку баражот обезбедувајќи влез во елитното друштво. Проектот предводен од страна на Наумче Мојсовски во новата сезона ќе има нов стратег на клупата, Андон Бошковски, со кого начелно се е договорено иако преостанува официјализацијата.

„Со Мојсовски сум пријател подолго време и ова е навистина интересен проект, што ме натера да се вратам на клупскиот ракомет. Останувам селектор на Грузија, уште тогаш имав одврзани раце да работам во клуб, одбив неколку понуди чекајќи нешто што навистина ќе ми се допадне. Приказната со Струга е позитивна, сите знаеме дека станува збор за град кој дал многу репрезентативци, што го прави овој предизвик уште поголем“ – вели Бошковски за ЕКИПА.

Овој стратег има водено неколку македонски прволигаши, а последниот ангажман во татковината му беше како предводник на Работник. Бошковски е скромен кога станува збор за амбициите, свесен дека мора да се оди чекор по чекор.

„Самиот влез во елитното друштво е голем успех, а сега понуваме од почеток, нема потреба од летање превисоко. Целта ни е да го поставиме проектот на здрави нозе, а шанса да добијат голем број на млади играчи, пред се оние од генерациите 1998 до 2000. Ќе има и неколку поискусни ракометари какви што се неопходни, но сакаме акцентот да биде на помладите. Затоа и не се залетуваме, во првата сезона целта ќе биде опстанок во елитата, но да составиме стабилен костур на тимот, а потоа во некоја поблиска иднина да атакуваме на подобар пласман“ – порачува Андон Бошковски.

Се вчитува...