Само еден ден откако Џоел Ембид беше прогласен за МВП на сезоната во НБА лигата, Бостон го лимитираше на само 15 поени и три скока, убедливо победувајќи ја неговата Филаделфија со 121-87 и израмнувајќи во серијата од полуфиналето на Истокот на 1-1, иако нивната најголема ѕвезда Џејсон Татум одигра навистина лошо.
По шокантниот пораз во првиот меѓусебен меч, Бостон од самиот почеток сега почнаа агресивно за повеќе од заслужена победа. Татум рано влезе во проблеми со прекршоците, на паркет мина само 19 минути и постигна седум поени, но неговиот (не)ефект го надополнија одличната одбрана и соиграчите меѓу кои водеа Џејлен Браун со 25 поени и Малколм Брогдон со 23 поени.
Ембид заврши со 15 поени, три скока и пет блокади, а Џејмс Харден имаше 12 поени и 10 асистенции, со криминален шут од 2/14. Прв стрелец на Филаделфија беше Тобиас Харис со 16 поени.
Следните два натпревари се играат во Филаделфија, а првата од нив е веќе сабота наутро по македонско време. Во второто полуфинале на Истокот меѓу Њујорк и Мајами исто така е 1-1 во серијата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

