Бостон селтикс приреди големо изненадување освојувајќи го првото место во Источната конференција по регуларниот дел од сезоната, но сега селтикси се на работ на експресна елиминација од плејофот откако ги загубија првите две средби на домашен терен од Чикаго булс. „Биковите“ одиграа уште еден одличен натпревар во Бостон, сите пет стартери на оваа екипа имаа двоцифрен број на поени, па на крајот заслужено славеа со 97-111.
Ајзеа Томас постигна 20 поени, со шут за тројка 1/5, но Ал Хорфорд беше целосно запрен реализирајќи прескромни седум поени. Најефикасен кај Чикаго беше Двејн Вејд со 22 поени, а за одбележување е одличната партија на плејмејкерот Тондо, кој го заврши овој натпревар со 11 поени, 14 асистенции, 9 скока и 5 украдени топки.
ЛА клиперс успеа да се рехабилитира по стартниот пораз од Јута, па синоќа славеше над овој противник со 99-91. Клиперси ја добија првата четвртина со 29-18, потоа не дозволувајќи им на гостите (ослабени со неиграњето на Гобер) да се вратат и да направат и втор „брејк“ во оваа плејоф серија. Блејк Грифин беше прв стрелец на гостите со 24 поени, Крис Пол го заврши мечот со 21 поен и 10 асистенции, а одличен беше и ДиАндре Џордан, кој забележа дабл-дабл од 18 поени и 15 скокови.
Торонто славеше со 106-100 над Милвоки, израмнувајќи го резултатот по изненадувачкиот пораз во првиот меч од серијата. Кајл Лаури, кој постигна само четири поени на првата средба, овојпат беше човекот на одлука, погодувајќи го клучниот шут за водство од 104-100 на десет секунди до крајот, разрешувајќи ги сите дилеми околу победникот. Лаури го заврши натпреварот со 22 поени, еден помалку од најдобриот стрелец ДеРозан.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА