Бостон селтикс е добитник на „џек-потот“ наречен прв пик на драфтот на синоќешната лотарија што вообичаено ги одредува првите 14 позиции за избор на претстојниот драфт во НБА-лигата. Селтикси обезбедија место во финалето од Источната конференција и вообичаено воопшто не би биле дел од оваа лотарија, во која учествуваат најслабите екипи од изминатата сезона.
Сепак, Бостон стигна до првиот пик благодарение на Бруклин нетс и големиот трејд од пред неколку години, кога селтикси го презедоа пикот од првата рунда на нетси во 2017 година. Бруклин ја заврши и оваа сезона со очаен, овозможувајќи му на Бостон да влезе како фаворит во драфт-лотаријата. „Зелените“ имаа 25% шанса да стигнат до првиот пик, најмногу од сите тимови, среќата ги послужи, па не дојде до никакво изненадување и токму овој тим стигна до правото прв да избира на претстојниот драфт, што ќе се одржи на 22 јуни во Бруклин.
Правото да го избираат вториот пик на драфтот им припадна на ЛА лејкерс, трет ќе бира тимот на Филаделфија, а потоа следат Феникс, Сакраменто, Орландо, Минесота, Њујорк, Далас и уште еднаш Сакраменто.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА