Новиот возач на Мерцедес, Валтери Ботас, оствари најбрзо време на претпладневната сесија од втората серија претсезонски тестово во Формула 1, во Барселона. Ботас денеска извозе 70 круга, а најбрзиот круг го помина за 1:19.310 мин. што е речиси за четири десетинки побрзо во однос на резултатот што го постигна минатата недела кога исто така беше најбрз. Воедно, ова е најдобар резултат на патеката „Каталуња“ во последните десет години откако на неа беа воведени одредени промени.
Со воведувањето на новите правила во Ф1, болидите се поголеми и побрзи во однос на претходната сезона и тоа го потврдуваат и резултатите што ги постигнуваат возачите на тестирањата пред стартот на новата сезона.
На второто место зад Ботас на денешните тестови заврши Фелипе Маса од тимот на Вилијамс со резултат од 1:19.420 минута, а Кими Раиконен со болидот на Ферари беше трет со 1:20,406 мин.
И на денешните тестови со многу проблеми се соочи тимот на Мекларен. Фернандо Алонсо извозе 27 круга и беше најбавен со заостанување од четири секунди зад Ботас.
Новата сезона во Формула 1 почнува на 26 март со трката за ГН на Австралија во Мелбурн.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА