Луис Хамилтон заврши пред Себастијан Фетел на неделната трка во Барселона за ГН на Шпанија, но, голема заслуга во триумфот има и неговиот клупски колега, Валтери Ботас. Финскиот возач објасни дека направил се што може за да ги исполни тимските наредби и да го задржи Фетел што подолго зад себе.
По првото влегување во боксот за промена на пневматиците, Фетел по неколку круга го стигна Ботас кој се уште возеше со истиот сет. Финецот успеа да го успори Фетел и не му дозволи лесно да го престигне. Германецот на крај мораше да преземе ризичен потег за конечно да го помине болидот на Мерцедес на првиот завој по стартно-целната рамнина. Благодарение на овој маневар на Ботас, Хамилтон направи предност која потоа беше недостижна за Фетел и му донесе победа на Британецот.
„Дадов се од себе да го задржам максимално Фетел зад мене. Знаев што се бара од мене во тимската стратегија и мислам дека Себ загуби драгоцени секунди кои на крај помогнаа за победата на Хамилтон“ – беше коментарот на Валтери Ботас по трката во Барселона.
Вториот возач на Мерцедес иако добро го одработе својот дел од тимската стратегија, сепак, на крај остана разочаран бидејќи не успеа да ја заврши трката.
„Разочаран сум бидејќи поради техничките проблеми немав можност да финиширам и да освојам драгоцени бодови за пласманот на тимот. Но, вакви работи се случуваат во нашиот спорт и јас веќе мислам на следната трка“ – вели Ботас.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА