Ботас останува во Мерцедес

Финскиот возач Валтери Ботас и следната сезона ќе остане во германскиот Мерцедес, потврдија од тимот. Со потврдата се демантираа шпекулациите дека Финецот ќе замине од актуелниот шампион во формула 1.

„Му поставивме предизвик на Валтери сезонава да биде подобар од минатата. Тој тоа го исполни. Имаше неколку импресивни трки на почетокот од сезоната. Остварените резултати не се случајност. Одлично соработуваше со Хамилтон и покажа вистински карактер на патеката“, изјави првиот човек на тимот Тото Волф. 

Ботас сезонава досега освои 188 поени со кои се наоѓа на второто место во генералниот пласман, веднаш зад клупскиот колега Луис Хамилтон.

„Среќен сум што и четврта сезона по ред ќе бидам дел од Мерцедедес. Благодарен сум на сите бидејќи имаат доверба во мене. Мојата цел е да станам шампион“, изјави Ботас. 

Возбудувањата во Ф1 шампионатот продолжуваат викендов, кога ќе се вози ГН на Белгија на патеката „Спа Франкошамп“.

Се вчитува...