Божиќ донесе четири нови Американци во Македонија (ВИДЕО)

Божиќните желби на прволигашките клубови донесоа четири нови играчи за вториот дел од првенството, а клубовите кои што се засилија се ТФТ, Вардар, Црн Дрим и Куманово.

Ново име во редовите на тимот од Тафталиџе е Еј-Џеј Вокер, Американецот кој што игра на позицијата „еден“ и е висок 180цм. 25-годишникот во Скопје доаѓа од Универзитетот Питсбург Стејт каде како лидер на тимот постигнува во просек 18,5 поени и 5,5 асистенции. Новото засилување новалијата засега ќе го користи само во БИБЛ лигата, со оглед на тоа што во својот ростер веќе има пет странци.

Засилување за вториот дел од сезоната доби и вториот новалија, Црн Дрим. Ново име кај струшкиот состав е Треј Мекбрајд кој треба да биде од голема помош во битката за опстанок.

Во иста ситуација како Црн Дрим е и тимот на Вардар кој во вториот дел од сезоната ќе ја има помоштта од Дикембе Диксон. 24-годишниот Американец игра на крилните позиции кои за „црвено-црните“ беа проблем во првиот дел од сезоната. Диксон на „Кале“ доаѓа од бразилското првенство каде во дресот на Унифациса бележеше просек од 8.3 поени, 2.5 скока и 1.0 украдени топки на 13 одиграни средби.

Нов играч на Куманово е Отис Ливингстон, 24-годишниот плејмејкер кој дресот на Куманово ќе го облече по добрата сезона во данското првенство каде беше еден од предводниците на Хорсенс со просек од 12.1 поен, 3.0 скока, 5.0 асистенции и 1.4 украдени топки на 21 одигран натпревар.

„Серијата“ на нови пристигнување во македонските клубови претходно броеше и ново име во Гостивар каде пристигна Џелоун Фрајдеј, како и Доминез Барнет кој го засили МЗТ Скопје.

 

Се вчитува...