Двократниот МВП во НБА – лигата, Стеф Кари, нема да се опорави на време од повредата на скочниот зглоб, што значи дека ќе го пропушти дербито против Кливленд кавалирс закажано за католички Божиќ. Кари не е во составот на Голден стејт веќе пет натпревари, а според информациите ќе мора да одмори уште најмалку една седмица.
Плејмејкерот на „воините“ предвреме го напушти мечот против Њу Орлеанс пеликанс, па сега екипата на Стив Кер е значително ослабена знаејќи дека ќе ги нема и повредените Грејмонд Грин, Заза Пачулија, и Шон Ливингстон, а овие тројца нема да бидат во комбинација за средбата против Мемфис в среда.
Сепак, актуелниот шампион на лигата е во серија од пет победи во низа без Кари, додека имаат девет победи вкупно во низа, а нивниот скор засега е на 24 победи и шест порази во досегашниот тек од регуларната сезона.
Репризата од минатогодишното финале меѓу Голден стејт и Кливленд ќе биде прв дуел во оваа сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА