Божиновски контролор во Шпанија, Стојчевски суди во Бугарија, Јакимовски во Казахстан

Претставниците од Фудбалската федерација на Македонија кои се наоѓаат на контролорските, судиските и делегатските листи на УЕФА, во наредните денови ќе бидат европски ангажирани. Нашиот поранешен најдобар судија, Емил Божиновски, сега контролор, туку што се врати од Австрија, каде во Грац го контролираше судењето на мечот од Лига на Европа меѓу Штурм и Мура, ќе патува за Шпанија. Ќе го контролира судењето на средбата од квалификациите за  Светското првенство меѓу Шпанија и Грузија што се игра на 5. септември.

По едногодишна пауза поради повреда, на терен се враќа и судијата Дејан Јакимовски. Тој на 7. септември ќе го суди квалификацискиот натпревар на младите репрезентации до 21 година меѓу Казахстан и Данска. Ќе му помагаат Куштрим Лика и Дејан Неделкоски, а четврти судија е Јован Качевски.

На покана на Фудбалската федерација на Бугарија, судиска тројка од Македонија на 8. септември во Софија ќе го суди пријателскиот меч меѓу Бугарија и Грузија. ФФМ му ја укажа довербата на младиот судија Игор Стојчевски кој од годинава е на главната листа на УЕФА. Ќе му помагаат Даниел Василевски и Слаѓан Марковски. Четврти судија ќе биде домашниот Ивајло Стојанов.

И на крајот, поранешниот претседател на Натпреварувачката комисија на ФФМ, Васко Дојчиновски, ќе биде делегат на мечот од квалификациите за  Светското првенство во Катар, во Подгорица на 7. септември меѓу Црна Гора и Латвија.

/М.М/

Се вчитува...