Божиновски: Во Струмица да ја повториме играта од мечот со Шкендија

Фудбалерите на Македонија ЃП патуваат денеска во Струмица на првиот натпревар од полуфиналето во Купот на Македонија против Беласица водени од максималната желба за позитивен резултат со кој би го трасирале патот до посакуваното големо финале во најмасовното домашно клупско натпреварување.

Капитенот на „лавовите“, Боби Божиновски вели дека тимот е подготвен за предизвикот на стадионот „Младост“…

„По ремито со Шкендија значително е зголемена самодовербата која и тоа како ни беше неопходна за мечот против Беласица. Во Струмица посакуваме да ја повториме играта од второто полувреме против Шкендија, максимален ангажман и силна борба… Ако успееме во тоа сигурен сум дека ќе стигнеме до позитивен резултат пред реваншот во Скопје. А, тоа е се освен пораз“ – вели Божиновски.

Но, Македонија ЃП во Струмица ќе биде ослабена со неиграњето на искусниот напаѓач Христијан Кировски кој ќе мора да паузира поради картони.

Првиот натпревар од полуфиналето во Купот на Македонија меѓу Беласица и Македонија ЃП се игра денеска од 14 часот на стадионот „Младост“ во Струмица. Главен судија ќе биде Марјан Маркоски од Охрид, а ќе му помагаат Тодороски од Охрид и Караколев од Штип.

Вториот полуфинален натпревар од Купот на Македонија меѓу Академија Пандев и Победа, поради тоа што и „пандевци“ како домаќини треба да играат на „Младост“ во Струмица е закажан за 6. март.

Се вчитува...