Реал Мадрид го претстави првото засилување во зимскиот преоден рок. Младиот шпански репрезентативец Брахим Дијаз, кој доаѓа од англискиот првак Манчестер сити, потпиша договор со „кралскиот клуб“ до 2025 година. Се работи за момче од Малага, кое замина во Англија по подобра иднина, но, брзо реагираше Реал Мадрид и го доведе талентираниот играч за врска на „Сантијаго Бернабеу“.
„Сакав да одржам говор без да читам од ливче, но ова е специјален ден за мене и не сакам да направам грешка“, изјави Брахим Дијаз, и потоа продолжи да го чита подготвениот текст.
„Ова е најважниот ден во мојот живот, исполнување на сонот. Го добив најголемиот подарок за Божик и за Нова година, дресот на Реал Мадрид. За мене имаше три опции, Мадрид, Мадрид и Мадрид. Кога дознав дека Реал Мадрид ме посакува во својот тим, воопшто и не размислував за ништо друго. Можам да ветам дека секој ден ќе давам максимум од себе за да ја оправдам довербата“, истакна младиот фудбалер.
Претседателот Флорентино Перез посвети внимание и на критиките што оправдано ги добиваат „кралевите“ за слабите резултати оваа сезона.
„Секогаш кога можеме да му посакаме добредојде на млад фудбалер, е посебен ден за Реал Мадрид. И се надеваме дека тој ќе биде светла иднина за клубот. Овој период не е најпосакуван за тимот, но ги освоивме Лигата на шампионите и Светското клупско првенство, и ќе останеме фокусирани да се бориме за трофеите и оваа сезона“, изјави Флорентино Перез.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА