Повеќе од еден месец траеше потрагата по нов тренер на Брајтон откако овој англиски премиерлигаш ја обелодени разделбата од Роберто де Зерби. Во изминатиот период се преговараше со бројни тренерски имиња, но конечниот избор е во најмала рака изненадувачки – за нов менаџер на Брајтон избран е Фабијан Херцелер.
Име што е апсолутна непознаница за голем дел од европскиот фудбал, освен можеби во Германија каде Херцелер важи за еден од најперспективните тренери по актуелниот селектор Јулијан Нагелсман. Минатата сезона тој ја мина на клупата на второлигашот Сент Паули, со оваа екипа успеа да обезбеди влез во елитното друштво иако имаше значително помал буџет од ривалите во трката за највисок пласман.
Тоа го стави Херцелер високо на листата на желби на Брајтон, а откако не беше постигнат договор со кандидатите пред него, младиот стручњак и официјално ги прифати понудените услови од англискиот клуб. Сент Паули долго одбиваше да преговара, за на крајот и германскиот клуб да се договори со Брајтон околу отштетата, па се очекува во текот на денешниот ден Херцелер и официјално да биде промовиран во наследник на Де Зерби.
Фабијан Херцелер има само 31 година и ќе биде најмлад тренер во англиската Премиер-лига, па останува да се види како перспективниот Германец ќе се снајде во најсилното фудбалско натпреварување во светот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА