БРАЌАТА: Стефан – пандемискиот херој, Милан – најсреќниот од одложувањето на ЕВРО 2020!

EКИПА, како партнер на реномираниот лондонски ГАРДИЈАН, ќе биде дел од медиумската „експертска мрежа на Гардијан“ за EВРО 2020, заедно со вкупно 22 европски медиуми меѓу кои и со Газета дело Спорт(Италија), ЕлПаис(Шпанија), Ди Цајт(Германија), Спорт-Експрес(Русија), Франс фудбал (Франција), Блик (Швајцарија), Телеспорт (Хрватска), Стандард (Австрија)….. Се во насока на што поквалитетно покривање на ЕВРО 2020! Целта на мрежата е размена на текстови и информации како читателите од секој од овие медиуми би имале поблизок и пореален поглед на секој од протагонистите на Европското првенство.

===================================================================

Македонија на своите почетоци од фудбалската независност ги имаше славните браќа Бошко и Милко Ѓуровски. Сега, македонската репрезентација го очекува своето прво европско првенство, и веднаш со братски тандем во националниот тим, Стефан и Милан Ристовски, кои се на добар пат повеќе од успешно фудбалски да ги надминат браќата Ѓуровски.

Еден од лидерите на А-селекцијата, Стефан Ристовски, на ЕВРО 2020, сигурно на свое задоволство, ќе го има покрај себе и помладиот брат Милан.

„Нема поголема задоволство од сето тоа, и за нас двајца, и за нашето семејство. Среќен сум што Милан сам си ја гради на вистински начин својата фудбалска кариера“ – ќе рече Стефан, кој, пак погледнувајќи ја кариерата е претставник на репрезентативците кои се дел од школата на најтрофејниот македонски клуб, Вардар.

Неговиот беспрекорен талент, по една квалитетна сезона за Вардар, во 2010 година беше забележан од италијанската Парма која го купува на негови само 17 години. Но, Италија не испадна „ветена земја“ за него. Долго се мачеше во Парма во која не доби вистинска шанса, минувајќи низ бројни позајмици на секои шест месеци, во италијанските нискологаши Кротоне, Фросиноне, Бари, Латина… Па следи конечно трансфер во хрватска Ријека во 2015 година по кој целосно се препородува.

По одличните две сезони во Хрватска следи најголемиот негов трансфер, во португалски Спортинг Лисабон. И, иако три сезони беше незаменлив дел од првиот тим на Спортинг, падна во немилост на клубот поради одбивањето да потпише за Динамо Москва. Беше префрлен да тренира со младинскиот тим на Спортинг цели шест месеци, и тоа токму во месеците во кои демонстрираше извонредни игри во дресот на Македонија со која во најтешкиот клупскиот период од својата кариера се избори за Европско првенство.

„Во дресот на Македонија ги доживеав буквално сите падови и подеми. Бев дел од репрезентацијата кога го допревме дното, а сега сум пресреќен што ќе играме на ЕВРО 2020“ – низ солзи изјавуваше Ристовски по победата над Грузија во Тбилиси во финалето од Лигата на нации.

МАКЕДОНСКИОТ ПАНДЕМИСКИ ХЕРОЈ

И покрај тоа што имаше повеќе од тешка година зад себе, отстранет од првиот тим на Спортинг Лисабон, Стефан Ристовски токму во пандемиската година не ја заборави сопствената хумана страна. За време на најтешките денови во Македонија поради пандемијата на Ковид-19, Ристовски донираше медицинска опрема за двете најголеми клиники во Скопје кои се бореа против пандемијата.

„Ви благодариме што се грижите за нашите сограѓани и не се штедите во оваа заедничка битка“ – се обрати тогаш Ристовски кон медицинските лица од Македонија.

МИЛАН, ПАК, НАЈСРЕЌНИОТ ОД ОДЛОЖУВАЊЕТО НА ЕВРО 2020

Милан Ристовски, се чини, доби изненадувачки повик за настап на ЕВРО 2020, но дефинитивно повеќе од заслужено ако се погледне одличната сезона во словачки Спартак Трнава, каде играше на позајмица од Ријека, и настапите кои ги имаше за младата репрезентација до 21 година во изминатиот квалификациски циклус.

„Кога се видов на списокот на селекторот Игор Ангеловски не можев да верувам, солзи ми дојдоа на очи. Не можам да ја опишам својата среќа“ – вели Милан.

А, довербата и тоа како ја оправда уште на своето деби во сениорската селекција, постигнувајќи веднаш и прекрасен погодок во триумфот од 4-0 на вчерашниот пријателски натпревар со Казахстан.

Милан Ристовски и дефинитивно, се чини, е и најсреќниот од одложувањето на Европското првенство поради пандемијата на Ковид-19. Затоа што пред една година сигурно воопшто немаше да биде во комбинација на македонскиот селектор.

„Навистина сум среќен што ќе бидам дел од репрезентацијата на ЕВРО 2020. Уште на оваа возраст го доживувам мојот сон. Ќе се обидам да го оправдам повикот со мојот однос кон националниот дрес“ – вели Милан Ристовски.

Се вчитува...