Македонската олимпијка Оливера Наковска-Бикова го освои 17. место од 29 натпреварувачи во дисциплината П4-Пиштол слободен избор 50 метри на Параолимписките игри во Париз.
Наковска – Бикова го заврши натпреварувањето со резултат од 526 кругови.
„Беше магливо утро, студено, пиштолот на Оливера испалуваше на секој втор куршум, ништо не ни беше погодено како треба, на стартот во првата серија Оливера имаше неколку грешки, подоцна влезе во ритам, меѓутоа нервозата од неиспалените куршуми кои беа во се поголем број се повеќе и го одземаа времето за настап и снагата за кревање на пиштолот, а за фокусот на изведба на истрел и да не правиме муабет. На крајот, миксот на несакани работи придонесе конечниот пласман во ова дисциплина да биде каков што е. Искрено очекувавме уште едно финале на Оливера, хет-трик, уште една можност за борба за медал, затоа што токму во ова дисциплина пред две години таа стана светска шампионка и ја освои квотата за учество на игрите во Париз 2024, но за жал, за само 7 кругови таа желба не ни се исполни“ – информира од Париз, Бранимир Јовановски, притоа дополнувајќи:
„Како личен тренер на Оливера и како претседател на Параолимпискиот комитет на Северна Македонија, сакам да и упатам честитки на Оливера за нејзината упорност, борбеност и достојно презентирање на Македонија, не само на овој натпревар, туку и за време на сите нејзини настапи во другите дисциплини, официјални и неофицијални тренинзи. Честитки и до целиот параолимписки тим за подршката и грижата се да помине во најдобар ред. Благодарност до медиумите кои известуваа за настапите на Оливера. Благодарност до Агенцијата за млади и спорт, Министерството за спорт, Министерството за социјална политика, демографија и млади, како и до сите донатори кои се потрудија да се подготвиме, опремиме и заминеме на игрите во Париз 2024. А медалот, па медалот ќе го освоиме набргу, на некое друго, следно првенство“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА