Милан ги интензивира преговорите за ангажман на Маркус Рашфорд, откако во текот на вчерашниот ден „росонерите“ имаа директна средба со Двејн Рашфорд, братот кој воедно е и агент на англискиот голгетер.
Италијанскиот гигант се интересираше за условите под кои би можел да го доведе Рашфорд во своите редови, на позајмица на шест или на 18 месеци. Она што е клучно во ставот на „росонерите“ е дека при секој договор, Манчестер Јунајтед би морал да покрие дел од огромната плата што му следи на голгетерот. Ова не би требало да претставува голем проблем ако се знае дека Борусија Дортмунд, која исто така покажа интерес за Рашфорд, инсистира на истиот услов, нешто што лани двата клуба го договорија при позајмицата на Џејдон Санчо.
Кај самиот англиски напаѓач постои желба да се приклучи на Милан, клуб кој има проблеми со навалната линија и Рашфорд би добил поголема минутажа за да се врати во топ-форма. Како опција беше споменуван и Јувентус, но „старата дама“ е во потрага по „класичен голгетер“ кој би го заменил Влаховиќ, па затоа Милан и Борусија Дортмунд моментно се апсолутни лидери во трката по напаѓачот на Манчестер Јунајтед.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА