Манчестер јунајтед и Ст.Етиен вечерва (21.05 ч.) ќе играат меѓусебе во 1/16 финалето во Лига Европа. Овој натпревар привлекува дополнително внимание во јавноста и поради братската пресметка во која прв пат меѓу себе ќе играат Флорентин Погба (26) и неговиот помлад и пославен брат Пол Погба (23), едниот во дресот на Ст.Етиен, другиот во Манчестер јунајтед.
Во некои други времиња, неколку децении наназад, дуелот меѓу Манчестер јунајтед и Ст.Етиен би бил „судир на великани“. Но, денес реалноста е малку поинаква. Францускиот тим е без шампионска титула уште од 1981 година, а и Манчестер јунајтед во последниве сезони е далеку од најславните денови, па вниманието го окупира главно семејниот дуел Погба против Погба на терен под будното око од семеството на трибините.
„Мама ќе биде на трибините, се разбира. Ваквите натпревари не се случуваат секој ден, можеби за неа ова ќе биде и единствена прилика да ги види своите два сина како играат еден против друг. Во сето тоа најдобро е што таа не може да загуби“ – изјави Флорентин Погба.
Тој има и специјален имиџ за вечерашниот натпревар против својот брат. На едната страна од главата му е исцртан бројот 6, а на другата 19.
„Мојот број е 19, а 6-та му е посветена нему. Се надевам дека и двајцата ќе уживаме во овој меч“ – посакува фудбалерот на Ст.Етиен.
За кариерата на помладиот брат се знае речиси се – Манчестер јунајтед – Јувентус – Манчестер јунајтед, рекорден трансфер од 100 милиони евра, најскап фудбалер во историјата и репрезентативец на Франција. Постариот од браќата Погба пак има малку подруг фудбалски пат. Израсна во фудбалската школа на Селта Виго, потоа продолжи во Седан каде ги одигра и првите сениорски натпревари, а од 2013 година го носи дресот на Ст.Етиен. Тој е одбранбен играч, а неговата репрезентација не е Франција туку Гвинеја. Тој е и роден во главниот град на Гвинеја, Конакри, за разлика од Пол на кого родното место му е во Франција, во предградието на Париз, Лањи-сур-Марн.
„Ја гледав ждрепката и кога не извлекоа бев воодушевен. Тогаш помисли: „Одлично, ова е еден сон што ќе се оствари!“. Кога бевме деца секогаш заедно игравме фудбал и сонувавме дека еден ден ние двајца заедно со нашиот трет брат, Матијас, ќе одиграме еден натпревар заедно како професионални фудбалери. Тоа беше мојот најголем сон. Досега не успеавме да го оствариме тоа и затоа овој меч за нас е посебен“ – вели Флорентин Погба.
Тој открива и дека пред дуелот меѓу Манчестер јунајтед и Ст.Етиен, имало и „братски провокации“.
„ Откако не извлекоа еден против друг, постојано има размена на пораки, оние од типот „Чувај се, натпреварот се ближи“. Ми се заканува тој мене, ама и јас нему и така во круг“ – раскажува Флорентин.
Третиот брат во семејството Погба, Матијас е негов близнак. Тој е исто така фудбалер и сега е играч на Спарта Ротердам. На дресот исто како и Флорентин го носи бројот 19. Истиот тој број едно време го носеше и Пол Погба во репрезентацијата на Франција, а поврзан е со датумот на раѓање на близнаците – 19 август 1990.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА