Ливерпул и Баер Леверкузен прераснуваат во „братски клубови“ по блиската соработка на пазарот од почетокот на овој преоден рок. „Црвените“ веќе го ангажираа десниот бек Џереми Фримпонг од Леверкузен, Флоријан Вирц денеска ќе ги мине лекарските прегледи по што ќе следи и потпис на договорот со Ливерпул, а овие два клуба се на чекор до комплетирање и на третиот меѓусебен трансфер за помалку од еден месец.
Со таа разлика, што овојпат Баер Леверкузен ќе биде тимот што купува, а Ливерпул даде предност во преговорите на „фармацевтите“ од Германија. Џерел Кванса е фудбалерот кој е на чекор до „Бај Арена“ откако младиот дефанзивец ги договори личните услови, по што клубовите ги интензивираа преговорите во последните 48 часа. Баер е во потрага по врвен дефанзивец по заминувањето на Тах во Баерн Минхен, а изборот паднал врз младиот и суперперспективен Кванса, кој посака да си замине од „Енфилд“ во потрага по клуб каде би имал поголема минутажа.
Информациите од Германија говорат дека клубовите се многу блиску до целосен договор, при што Ливерпул би имал загарантирани 35 милиони евра, плус пет милиони евра врзани со лесно остварливи клаузули. Според истите извори, трансферот би можел да се комплетира до крајот на оваа седмица.
Англиските медиуми најавуваат дека „црвените“ планираат парите од Кванса веднаш да ги насочат кон ангажман на нов дефанзивец, а прва желба е капитенот на Кристал Палас, Марк Гуехи. Палас минатото лето одби над 60 милиони фунти од Њукасл за својот капитен, но ситуацијата овојпат е поинаква, Гуехи има уште една година од актуелниот договор, па челниците на Ливерпул се надеваат дека со помалку од 50 милиони фунти ќе успеат да го осигураат потписот на англискиот репрезентативец.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

