Tренерот на новиот второлигаш Венеција, Филипо Инзаги, има понуда да го превземе кормилото на Сасуоло. Доколку се реализираат овие најави, следната сезона ќе донесе интересни двобои против неговиот брат, Симоне Инзаги, тренерот на Лацио.
Еузебио Ди Франческо по неколку одлични сезони на кормилото на Сасуоло, бара нов предизвик. Нова дестинација на Ди Франческо е клупата на Рома, а тренерското место во Сасуоло останува слободно за Инзаги. Сопственикот на клубот, Родолфо Сквинзи, е познат како голем „миланиста“ и животна желба му е да ја види легендата на Милан, на клупата на неговиот клуб.
Инзаги со Венеција во третата лига освои се што можеше да се освои, успеа да го внесе тимот во Серија Б, а според најавите, втората италијанска лига нема да биде крајниот дострел за амбициозниот клуб.
Доколку пак го преземе тимот на Сасуоло, ќе има можност уште еднаш да се пресмета со неговиот брат Симоне, но пресметката овој пат ќе биде покрај аут линијата. Браќата Инзаги претходно имале и играчка пресметка на терен, како фудбалери на Лацио и на Милан.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА