БРАВО, БРАВО, БРАВО! Mладинците на Е. Пелистер се пласираа на Ф4 во ЛШ!!!

Ракометарите на Е. Пелистер испишаа историја за македонскиот ракомет откако вечерва славеа против Динамо Букурешт со 32-37 и со тоа се пласираа на Ф4 турнирот во младинската Лига на шампиони.

На стартот од мечот Романците беа во егал со младите „пелистерци“ само до седмата минута кога резултатот беше 4-4, по што македонскиот тим уфрли во поголема брзина.

Во следниот период Е. Пелистер заигра далеку подобро, па на средината на првиот дел за првпат стигна до плус четири 6-10. Домаќините во еден момент успеаја повторно да стигнат на само минус еден (11-12), но со фуриозна игра до крајот на првиот дел избраниците на Кире Митревски стигнаа до највисоките плус шест (12-18).

Романците подобро го отворија второто полувреме, па на петнаесет минути до крајот на мечот успеаја да дојдат до само минус два (23-25). Битолчани успеаја да го смират овој напад на противникот, па брзо се вратија повторно до плус четири (24-28), а на десет минути до крајот на мечот влегоа и со позитива од плус пет (25-30).

До крајот тие ја задржаа предноста за конечен триумф од 32-37 и испишување на историја. Алем Хаџиќ со 12, гола повторно беше најдобар поединец во таборот на „пелистерци“, додека кај поразените Станчиу и Димитру постигнаа по 11 гола.

На фајнал-фор турнирот кој ќе се игра во Келн, Е. Пелистер за противник ќе ги има гигантите: Барселона и Веспрем, како и данскиот ГОГ.

Се вчитува...