Одбојкарската Федерација на Македонија заврши фантастична работа успевајќи да ја добие организацијата на завршниот турнир од Европската сребрена лига. Бордот на ЦЕВ на денешната седница уште еднаш ја потврди целосната доверба во македонската одбојка, па покрај претходната одлука за организација на турнир од групната фаза во континенталното натпреварување, највисокото управно тело на ЦЕВ реши и битката за медалите да биде кај нас.
Исто така, ЦЕВ целосно ги прифати сугестиите на челниците на ОФМ и го ревидираше календарот во Европската сребрена лига 2021. Наместо на крајот на јуни, завршниот турнир ќе биде одржан викендот на 5-ти и на 6-ти јуни, а претходно, од 21-23 и од 28-30 мај се закажани двата турнира во групната фаза. Македонската репрезентација ќе игра со Данска, со Израел и со Кипар, а покрај нас, во групата „А“, турнир ќе организираат и Данците. Хрватска, Австрија, Унгарија и Луксембург ќе ги одмерат силите во групата „Б“.
По двете победи на дебитанскиот настап на европските првенства, на квалификацискиот турнир во јануари во Скопје, нашата селекција обезбеди настап на претстојното Европско првенство, а сега ќе има шанса на домашен терен да игра за првото злато во Европската лига откако досега освои три сребрени медали во 2015, 2016 и 2017.
Во 2018 година, кога ОФМ првпат организираше завршен турнир во Европската сребрена лига, црвено-жолтиот национален состав беше четвртопласиран, а сега ќе има уште една можност да ја реазлизира долгогодишната цел, со што со полна самодоверба би го дочекал Европското првенство 2021.
Бордот на ЦЕВ на денешниот состанок исто така го одреди точниот календар за најголемиот континентален одбојкарски настан, којшто ќе почне на 1 септември, а ќе трае до 19 септември со финале во Катовице. Организатори се Полска, Чешка, Финска и Естонија, а натпреварувањето ќе се одржи во шест града: Краков, Гдањск, Катовице, Острава, Тампере и Талин.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА