Фудбалската репрезентација на Бразил го победи Еквадор со 2-0 во Порто Алегре и стигна до петтата победа во квалификациите за СП. „Кариоките“ не го дочека најдобро расположен овој натпревар. Играчите се во конфликт со Фудбалскиот сојуз на Бразил и најавија дека нема да играат на претстојното првенство во Јужна Америка.
Сепак, не се виде нервоза на теренот против Еквадор. Бразил стигна до нова победа без никакви проблеми и убедливо е прв на табелата со максимален учинок по пет одиграни натпревари. Иако Бразилците создадоа добри шанси во првото полувреме, тие заминаа на пауза со резултат 0-0, но во продолжението Нејмар и соиграчите стигнаа до нов триумф.
Се чекаше на првиот гол до 65-тата минута од натпреварот. Нејмар беше асистент на Ричарлисон, а напаѓачот на Евертон погоди за 1-0. Точка на овој натпревар стави Нејмар постигнувајќи гол од белата точка. Судијата долго време го гледаше контроверзното видео пред да додели пенал за Бразил, а Нејмар ја искористи шансата и погоди за 2-0 од втор обид. Претходно, голманот на Еквадор го одбрани неговиот удар, но пеналот се повтори затоа што чуварот на мрежата ја напушти гол-линијата порано.
Бразил е на врвот на табелата со 15 бода, а го следат Аргентина со 11 и Еквадор со девет.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА