Одамна се знае дека после Мундијалот во Катар, репрезентацијата на петкратниот светски шампион Бразил, ќе има нов селектор. Сегашниот Тите го најави заминувањето уште пред неколку месеци, и со тоа даде доволно време на фудбалската федерација на оваа земја да најде замена.
Вчера претседателот на федерацијата Едналдо Родригез истакна дека во опција се три имиња. Станува збор за тренерите на бразилските гиганти Палмеирас, Фламенго и Флуминензе, Абел Фереира, Доривал Жуниор и Фернандо Диниз.
„Бразилскиот фудбал има непресушен извор на одлични тренери. Можам да потврдам дека тие тројца се кандидати, но не е фер да зборуваме само за нив и да ги заборавиме другите, барем 10 квалитетни кандидати. Моментално сме фокусирани кон подобри подготовки за Катар. Одлуката за наследникот на Тите ќе ја донесеме после Мундијалот“, рече Родригез.
Фереира засега е главен кандидат, со оглед дека го препороди Палмеирас. Со него во две години, тимот освои две титули Копа Либертадорес. Освоија и Куп на Бразил, а сега се на добар пат да ја освојат и титулата. Иако има резултати, сепак, јавноста му замерува за стилот на игра затоа што игра тврд и натпреварувачки фудбал, што се коси со идеологијата на Бразил да игра отворен и фудбал на повеќе голови.
Фернандо Диниз, пак, е спротивност од Фереира, но засега нема освоено ништо. Но, игра допадлив фудбал и има поддршка од јавноста.
Жуниор, пак, има само еден пехат во Купот на Бразил, а го доведе Фламенго до финалето на Копа Либертадорес каде што го чека Атлетико Параненсе. Стигна и до финалето на Купот на Бразил и ќе игра против Коринтијанс. Но, во првенството е петти. Тој е најискусен од овие тројца, со оглед дека водел барем 20 клуба во Бразил.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА