Бразилскиот фудбалер Малком ја одби милионската понуда од ПСЖ и реши да се пресели во Италија. Бразилецот кој во последните две сезони настапува за францускиот Бордо, е еден од најбараните фудбалери на трансфер-пазарот ова лето, а по се изгледа тој веќе го одбрал клубот во кој ќе ја продолжи кариерата.
Според италијанските медиуми, Малком сака да игра во Интер иако „на маса“ има богата понуда од ПСЖ. За Бразилецот беа заинтересирани и од Борусија Дортмунд, но 21-годишниот Малком сепак одлучил да ја прифати понудата од „нероаѕурите“ бидејќи смета дека тоа ќе биде најдобра средина за неговиот напредок.
Бордо е подготвен да го отстапи младиот бразилски фудбалер со обесштетување од 50 милиони евра, цифра која е прифатлива за заинтересираните клубови.
Малком дојде во Бордо во јануари 2016 година од бразилскиот Коринтианс. Минатата сезона одигра 38 натпревари на кои постигна 12 гола и осум асистенции.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА