Бразилецот Силва е херојот на Пелистер за првата победа во пролетниот дел од шампионатот. Битолчани во првиот натпревар од 20. коло во ПМФЛ се мачеа на стадионот „Атина Бојаџи“ во Охрид, но успеаја да стигнат до триумф против Брегалница од 2-1 (1-0) благодарение на голот на Силва во 91. минута од средбата.
Пелистер подобро од посакувањата дојде до водство уште во 6. минута преку погодокот по индиректен удар од 16 метри на Баже Илијоски. На тоа му претходеше исклучувањето на голманот на Брегалница, Матија Кобетиќ кој неспретно интервенираше со рака надвор од шеснаесетникот… А, Илијоски тоа лукаво го искористи потоа по индиректниот удар.
Но, „пелистерци“ квантитативната предност не знаеја како да ја искористат во продолжение. Не создадоа ниту една шанса, па Брегалница казни во 59. минута израмнувајќи преку Далчески.
По израмнувањето, Пелистер конечно почна да игра нешто поагресивно. Па следеше голема шанса преку нововлезениот Бујчевски во 74. минута, а во 76. минута и Ристе Маркоски имаше убава можност со шут од 16 метри, но биеше непрецизно.
До крајот осамнаа шансите на Силва и Маркоски, и посебно на Илијоски во 90. минута, за да конечно отпорот на штипјани го скрши Бразилецот Силва во првата минута од судиското продолжение за конечни 2-1.
По овој триумф, Пелистер со 33 бода се проби на третата позиција, додека Брегалница со 11 бода и натаму е последна, со четири бода заостанување зад Македонија ЃП.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА