Бразилската фудбалска федерација демантираше дека постигнала договор со тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти за местото селектор на репрезентацијата.
Петкратниот светски шампион Бразил бара селектор откако Тите се повлече од функцијата по елиминацијата во четвртфиналето на Светското првенство во Катар.
„Оваа информација е лажна. Прашањето за новиот селектор се решава транспарентно и името на избраниот тренер ќе биде објавено во соодветно време“, се вели во соопштението на Бразилската фудбалска федерација.
Италијанскиот тренер изјави дека целта му е да остане во Реал Мадрид до крајот на договорот.
„Мојата ситуација е сосема јасна, имам договор до 2024 година“, изјави Анчелоти на прес-конференцијата во Рабат, каде денеска ќе го води тимот во финалето на Светското клупско првенство.
Освен Анчелоти, медиумите редовно како можни кандидати ги споменуваат и Шпанците Луис Енрике и Пеп Гвардиола, Французинот Зинедин Зидан и Португалецот Жозе Мурињо.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

