Бразилците ги чека 24 часа „стравување“ за Нејмар, но Тите е оптимист: Ќе го гледаме уште на Мундијалот!

Бразилците ги очекува неизвесност низ следните 24 часа во очекувања на дефинитивната информација околу тежината на повредата на Нејмар.

На десет минути пред крајот на синоќешниот дуел со Србија, во кој Бразил славеше со 2-0, Нејмар ја напушти играта со отечен скочен зглоб, плачејќи на клупата. Бразил денеска стравува дека Нејмар би можел да отпадне за продолжението од Мундијалот во Катар. Пресудни ќе бидат следните 24 часа.

„Има извиткување на скочниот зглоб и немавме време за да ги направиме сите лекарски тестови. Има оток на десниот зглоб и сега најважно е да сочекаме 24 часа за да видиме. Јас би замолил на трпение. Рано е да се каже дали Нејмар е во аут за СП, прво да поминат неколку часа за да го видиме отокот. Тоа свиткување на зглобот е под притисок од стартот на противникот“ – соопшти синоќа лекарот на бразилската репрезентација, Родриго Ласмар.

Но, селекторот на Бразил, Тите, е оптимист дека Нејмар ќе биде на располагање за следните натпревари…

„Сигурен сум дека повторно ќе го гледаме Нејмар на овој мундијал. Комплетно сум убеден во тоа и ве уверувам дека ќе игра повторно на ова Светско првенство. Тој одигра десеттина минути по стартот, сакаше да му помогне на тимот и тоа доволно говори за него. Сите веруваме дека ќе биде со нас до крај на Мундијалот“ – вели Тите.

Се вчитува...