Иако важеа за фаворити број еден пред турнирот, Бразилците го завршија својот настап на Мундијалот во Катар уште во четвртфиналето. Па сега поголемиот број медиуми од земјата најавуваат „тектонски поместувања“ во репрезентацијата.
Секако, прв на удар беше селекторот Тите кој мораше веднаш да се повлече од селекторската функција, а се очекуваше и неговиот син Матеус и помошникот Клебер Ксавиер исто така да заминат.
Абел Фереира од Палмеирас, Фернандо Диниз од Флуминенсе, Мано Менезес од Интернационал и Доривал јуниор се именувани како наследници на Тите, а одлуката треба да ја донесе претседателот на Фудбалскиот сојуз на Бразил, Едналдо Родригез. Но, претседателот размислува и да го замени координаторот на тимот Андрес Санчез и на негово место да биде доведе Жунињо Паулиста.
А, сериозни промени се најавуваат и во играчкиот кадар, па се очекува во иднина контролата на соблекувалната да ја преземат помладите фудбалери Едер Милитао, Лукаш Пакета, Винисиус и Ричарлисон.
За Тијаго Силва ова дефинитивно беше последно светско првенство, иако не се исклучува можноста да игра на уште една Копа Америка. Се очекува повлекување на Дани Алвеш, но и на Нејмар кој најави можност дека нема во иднина да биде дел од репрезентацијата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА