Бразилците во Шахтјор и Динамо со драматична видео порака: „Ве молиме помогнете ни да ја напуштиме земјата“

Воениот напад на Русија врз Украина ги сопре сите спортски случувања во земјата на еден месец. Спорт ќе нема, а странците веќе бараат начин како да ја напуштат Украина.

Бразилските фудбалери на најголемите украински клубови Шахтјор и Динамо и натаму се во Киев, сместени се со семејствата во хотел и се надеваат на скора евакуација.

„Сите сме тука заедно, играчи на Динамо и Шахтјор, а тука се и нашите семејства. Затворени сме во хотел и чекаме. Со ова видео бараме помош, границите и аеродромите се затворени и не можеме да ја напуштиме земјата. Бараме помош од бразилската влада. Се надевам дека може да ни помогне“, рече Марлон, играчот на Шахтјор.

„Ситуацијата е очајна. Нема гориво, снемува храна, нема пари. Чекаме план за напуштање на Украина“, изјави Мораеш.

Шахтјор има во своите редови 12 бразилски играчи, а Витињо игра за Динамо Киев.

Се вчитува...