Во неделата, Гоце Седлоски беше ’херој’ откако го надмудри Томас Брдадиќ. Но, денеска сосема поинаков расплет во Купот. Тимот на Брдариќ славеше против Вардар со 1-3 на гости во Скопје и направи голем чекор кон финалето во Купот на Македонија.
Германскиот стратег, нормално, е задоволен од триумфот и од изданието на својот тим.
„Ова е вистинската Шкендија. Горд сум на фудбалерите, затоа што реагираа на вистински начин по поразот што го доживеавме во првенството од истиот противник. Работевме напорно, сменивме некои работи и одигравме како што посакувавме. Сега имавме сосема поинаков лик. Се одлучивме за игра на противнапади, и тоа беше добитната комбинација. Секако, ништо не е готово, останува уште еден меч против Вардар во Тетово, до пласман во финалето на Купот“, изјави Томас Брдариќ.
Тренерот на Вардар, Гоце Седлоски, потенцираше дека неговиот тим премногу се опуштил по првенствениот триумф во неделата.
„Честитки за Шкендија, одиграа квалитетно, се чини и дека повеќе ја посакуваа победата. Ние одигравме многу поопуштено, и тоа ни се одмазди. Шкендија има голема предност, но не се предаваме и ќе се обидеме да возвратиме во Тетово. Сега треба да се фокусираме на мечевите од првенството, затоа што ниту еден меч не е лесен“, потенцира Седлоски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА