Брегалница Делчево и Турново повторно ќе играат во Третата фудбалска лига

До раководството на Третата фудбалска лига на Македонија – Исток, чие седиште е во Кочани пристигна писмено барање од фудбалските клубови Брегалница од  Делчево и Турново со молба да бидат вклучени во лигата во новото првенство. Брегалница последниве две сезони не играше во лигата, а Турново четири години.

Според зборовите на претседателот на Третата лига-Исток, Александар Андов нивното барање сигурно ќе биде прифатено бидејќи и двете екипи ги исполнуваат сите услови за да играат во лигата. Во Делчево и Турново има убави фудбалски терени, обезбедена инфраструктура за одигрување на  натпревари, двата клуба имаат и кадетски и млади категории на фудбалери. Брегалница  играше и во Првата лига на Македонија, едно време тренер во Делчево беше познатиот Кирил Дојчиноски. Турново, тогаш под името Хоризонт, како член на Првата лига во сезоните  2014 и 2015  играше како претставник на Македонија дури и во квалификациите за Лига на Европа. Беа тоа незаборавни години на тимот од Турново, предводени од претседателот Орце Тодоров, но подоцна клубот почна да тоне и едно време се изгуби од фудбалската карта на Македонија. Сега се прават напори фудбалот во Турново одново да заживее.

Во Третата лига-Исток членуваат клубови од опшинските сојузи на Кочани, Струмица, Гевгелија, Штип и Валандово. Познати се клубовите кои од есен  ќе играат во лигата. Тоа се староседелците: Тиверија /Струмица/, Ударник /Пирава/, Дојранско Езеро, Малеш /Берово/, Слога /Виница/, Рудар /Пробиштип/, Овче Поле /Свети Николе/, Светлост /Зрновце/, Карбинци, сигурно и Брегалница /Делчево/ и Турново.

Имаше најава дека повторно ќе игра и Победа од Валандово, но ништо од тоа, градот како да не е заинтересиран за фудбалот иако има два одлични терени, па дури од Општинскиот сојуз на Валандово и  член  во Управниот одбор на ФФМ и тројца членови во Собранието  на ФФМ.

М.М.

Се вчитува...