Брегалница со уште две засилувања: Искусниот Велкоски и младата надеж Глигоров од Португалија (ФОТО)

Брегалница со уште две нови засилувања за продолжението од шампионатот во Првата македонска фудбалска лига.

Поранешниот фудбалер на Вардар и Работнички, Виктор Велкоски е уште едно засилување за одбраната на Брегалница. 27-годишниот Велкоски доаѓа од редовите на албанскиот прволигаш Лачи каде настапуваше изминативе две сезони. Велкоски, кој потекнува од фудбалската школа на Вардар, претходно во својата кариера има настапи и за Работнички, Пелистер, Скопје и прилепска Победа во домашните шампионите, како и за грчкиот Егиниакос.

Во исто време, „сините“, како што потенцираат, неизбежно со мислите и на иднината на клубот но и дополнителниот развој за најголемите фудбалски таленти од Штип. Токму во таа насока е и ангажманот на 19-годишниот Иван Глигоров кој доаѓа од португалскиот Национал.

Глигоров, кој е роден во Штип, главно досега фудбалскиот развој го темели на интернационалната сцена. Како голем талент уште на 15 години е забележан од италијанската Перуџа каде реализира трансфер, потоа се сели во младинскиот тим на Национал во Португалија од каде сега повторно се враќа во Штип, во редовите на Брегалница.

Игра на офанзивните позиции во средниот ред, а има и настапи за младите репрезентации на Македонија до 15 и до 17 години.

Се вчитува...