ФК Брегалница, со комплетно нов лик и амбиции, предводена од новиот шеф на стручниот штаб Добринко Илиевски – Пижон вчера ги почна подготовките за новата сезона.
Илиевски на клупата на штипјани доаѓа од ФК Кит Го откако Брегалница е преземена од познатиот стопанственик и спортски инвеститор Кирил Гогов, а во стручниот штаб ќе му помагаат досегашните соработници Александар Танчевски, Димитар Маџунаров и Љупче Колев како тренер на голманите.
Сериозно засилување има и на играчкиот кадар во кој како нови имиња се Анес Османовски кој доаѓа од германски Унтерахинг, Филип Миленковски од Силекс, Мартин Стојанов, Иван Настевски и Благој Гуцов од Кит Го, Марио Наумоски од Победа, Стојанче Велинов од Академија Пандев, Мишко Арсовски од Пелистер. Во клубот остануваат и офанзивецот Ристе Наумов како и стоперот Дарко Стојанов.
Не е тајна дека со добивањето на новиот сопственик, Брегалница добива повеќе од сериозна организациска поставеност со која „сините“ се очекува на вистински начин да се вратат на македонската елитна фудбалска карта.
По заминувањето на Илиевски од клупата на Кит Го, нов тренер на пехчевци ќе биде Емил Грнев, а негови асистенти ќе бидат Лазар Илиев и Александар Митрев како тренер на голманите. Координатор ќе биде Трајче Сенев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА