Том Брејди оствари неверојатен успех во кариерата, на 43-годишна возраст стигнувајќи до нов супербоул-трофеј во својата прва сезона како член на Тампа Беј баканирс.
За ветеранот ова е седми пехар во НФЛ-лигата, по шесте освоени во ерата како член на Њу Ингланд, со што Брејди го потврди статусот на најдобар на сите времиња во овој спорт. Сепак, Брејди не планира да запре, туку ќе го предводи тимот на Тампа Беј и следната сезона, во обид да го одбрани овој трофеј.
„Се враќам и следната сезона, го знаете тоа нели… Сигурно се враќам“, прокоментира Брејди, јасно ставајќи до знаење дека не планира да се пензионира.
Потоа тој се осврна на големиот триумф во синоќешното финале, во кое Тампа Беј го декласираше довчерашниот првак Канзас Сити со убедливи 31-9.
„Горд сум на овие момци, на начинот на кој игравме во текот на целата сезона. Овој тим растеше од натпревар во натпревар, имавме самодоверба и дојдовме до врвот на формата кога беше најважно. Ова дефинитивно беше нашиот најдобар меч сезонава“, истакна Том Брејди.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

