Брејси Дејвис: МЗТ е силен ривал, но не е непобедлив

Кошаркарите на Пелистер ја искористија репрезентативната пауза за што подобро да се подготват за наредните предизвици, почнувајќи од големото дерби со МЗТ Скопје во салата „Јане Сандански“ (сабота, 19 часот).

Дуелите со актуелниот шампион секогаш имаат посебен шарм, Пелистер во минатото покажал дека знае како се „освојува“ Аеродром, нешто што избраниците на Боро Даскаловски ќе се обидат да го повторат и на саботниот дуел.

Американецот Кевин Брејси Дејвис е максимално мотивиран за овој дерби натпревар, заедно со соиграчите да сторат се за да го изненадат МЗТ во Скопје.

„Верувам дека напредуваме како тим од натпревар во натпревар. Обрнуваме внимание на ситници во играта, повоиграни сме во одбраната, а во нападот подобро ја движиме топката. Мораме да продолжиме во ист стил и да веруваме дека можеме до добри резултати, продолжувајќи со мечот со МЗТ Скопје. Ќе играме со квалитетен ривал, најголема сила им е долгата клупа и ротацијата со квалитетни кошаркари на сите позиции во тимот. Тоа не значи дека се непобедливи, ние ќе мораме да одиграме паметно и ефективно, да ги користиме нашите шанси и верувам дека можеме да стигнеме до победата што сите ја посакуваме“, вели Брејси Дејвис за клупската официјална веб-страница.

Се вчитува...