Италијанската холдинг компанија „Брера“ денеска и официјално го потврди својот влез во ФК Академија Пандев со купување на мнозинскиот пакет на клубот.
Од „Брера“ во своето соопштение, меѓу другото, информираат дека во иднина ќе следи ребрендирање на клубот и дополнителни инвестиции во насока на развој на клубот.
„Ова е примерот на Брера Холдингс за имплементација на својата меѓународна стратегија, која паралелно ќе форсира ширење и промоција на брендот Брера во Источна Европа. Со купувањето на Академија Пандев и ребрендирањето во Брера планот е да се зголеми тимскиот напредок, а местото е идеално за да се подготват фудбалерите за меѓународниот пазар и да се остварат приходи од настапите во УЕФА“ – се вели меѓу другото во соопштението од компанијата.
Горан Пандев во 2010 година ја основаше Академија, прво како младинска школа, а потоа и со сениорски тим, кој во 2019 година го освои Купот на Македонија. Пандев е и независен член на Бордот на директори на „Брера Холдингс“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА