Брера ја шокираше Шкендија во 95. минута (ВИДЕО)

Шкендија на домашен терен одигра само 1-1 против АП Брера, и направи голем „кикс“ во трката за шампионската титула. Тетовскиот тим со играч помалку играше речиси во целиот меч, откако во 16. минута црвен картон заработи Фетаи. Но, и во една таква ситуација актуелниот првак беше пред триумф, имаше предност до последните секунди кога струмичани успеаја да израмнат и да го шокираат домашниот состав.

Фетаи беше исклучен по консултација со ВАР собата. Стоепрот на Шкендија направи прекршок, но беше досуден офсајд, а потоа откако се увиде дека нема недозволена позиција, Бафто го испрати дефанзивецот во соблекувалната.

Но, тоа не ги поремети избраниците на Јетон Беќири да дојдат до предност. Едрит Красниќи на асистенција на Бесарт Ибраими успеа да го совлада Диковски, и така да донесе предност за Шкендија.

Тетовскиот тим пропушти можности да дојде до втор гол и да го реши победникот. Таквата „игра на нерви“ им се одби од глава во 95. минута. После една добра акција на гостите, Величковски асистираше до Велкоски кој како стопер се најде во нападот, и со глава го погоди празниот гол на излезениот Гаје, и успеа да донесе бод.

Сега предноста на Вардар на табелата изнесува три бода, откако претходно тетовци триумфираа на гостувањето токму кај Вардар.

Се вчитува...