Брера против Сараево дебитира во младинската Лига на шампиони

Македонскиот младински фудбалски првак, Академија Пандев Брера од Струмица, денес го започнува својот дебитантски настап во Лигата на шампиони, пречекувајќи го тимот на Сараево на домашен терен.

Натпреварот ќе се игра со почеток во 15 часот на стадионот „Младост“ во Струмица, додека реваншот е закажан за 2 октомври на стадионот „Асим Ферхатовиќ Хасе“ во Сараево.

„Се подготвувавме подолг период, се приклучија и играчите од сениорите, и со нетрпение го очекуваме натпреварот. Имаме против себе доста сериозен противник, доминира во младинските категории во БИХ. Сметам дека квалитетот е изедначен. Имаат неколку играчи кои играат и во сениорите, имаат неколку сериозни фудбалери, и мислам дека ако ја запреме нивната офанзива, ќе имаме шанса за добар резултат. Очекувам Брера да го даде максимумот и да се пласира во следната фаза. Ги повикувам сите љубители на фудбалот да дојдат и да ни дадат поддршка“, изјави тренерот на младинската екипа Ѓорге Стојчев.

Ова е седма сезона на младинската Лига на шампиони под организација на УЕФА, во која АП Брера Струмица ќе се обиде да стане првата македонска екипа што ќе се пласира во второто квалификациско коло, а таму евентуален противник ќе им биде тимот на Макаби Петах Тиква од Израел.

Се вчитува...