Секое лето вообичаено е бурно во Металург, а исклучок нема да биде ниту овој период по најавите дека газдата Минчо Јорданов подготвува сериозни промени во таборот на актуелниот вицешампион на Македонија. Една од клучните промени се очекува да се случи на тренерската позиција, каде Данило Брестовац би го зазел местото на шеф на стручниот штаб, што во вториот дел од ланската сезона му припаѓаше на Александар Јовиќ.
Во ситуација кога Вардар не е моќен како претходно, но од друга страна и кога Работник создава силен тим што може да се вмеша во трка за висок пласман, Јорданов планира „ремонт“ во својот клуб, се со цел Металург повторно да има значајна улога на македонската ракометна сцена.
Дефинитивното заминување на Лино Червар ќе означи и почеток на една нова „ера“ во клубот од Автокоманда, а Јорданов планира за следниот период за нов тренер да го ангажира Данило Брестовац, кој важи за еден од најдобрите македонски стратези во моментов. Тој во моментов е младински и јуниорски селектор на Македонија, a шпекулациите уште повеќе се загреваат откако Брестовац самиот побарал да биде раскинат договорот со тимот на Ред бојс од Луксембург, каде беше тренер минатата сезона.
За очекување е „металурзите“ повторно да стават акцент на млада генерација засилена со неколку поискусни играчи, а во една таква ситуација Брестовац како селектор на помладокот на Македонија сигурно одлично се вклопува во концетот на актуелниот вицепрвак.
Најавите велат дека ќе дојде и до промени во самата управа на клубот, па останува да се види кога истите би биле реализирани, со оглед на фактот дека ривалите сериозно се екипираат за новата сезона, а Металург допрва ќе треба да ја почне потрагата по наследник за Јагањац, кој речиси сигурно кариерата ќе ја продолжи во дресот на Загреб.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА