ЕКИПА во Виена,
Стеван Цаневски
Селекторот на македонската репрезентација, Данило Брестовац, е оптимист во пресрет на утрешниот клучен натпревар против Австрија, на кој Македонија треба да триумфира со најмалку два гола разлика за да има загарантирано учество во следната фаза од европскиот шампионат. Тој е позадоволен од играта во одбрана отколку во нападот, но вистинскиот предизвик допрва ќе следи, на дуелот со Австријците, кои во првите две средби постигнаа вкупно 66 гола.
„Да бидам искрен, пред почетокот на европскиот шампионат стравував за играта во одбрана, особено по повредата на Велко Маркоски, но овој дел засега функционира многу подобро. Во нападот имаме многу повеќе проблеми, особено во ситуациите со играч повеќе, кога се решаваме за нерезонски шутеви и додавања. Премалку време е за преголеми корекции, но дефинитивно ќе настојуваме да одиграме многу подобро отколку на претходните две средби. Наша цел ќе биде да ги спуштиме Австријците на околу 24-25 гола, за и со овој наш слаб напад да можеме да стигнеме до посакуваната победа од два гола. Ни одговара и триумф од еден гол, но со најмалку 33 постигнати погодоци, но сметам дека тоа не е реално со оглед на стилот на игра и фактот дека и двете селекции ќе вршат по две замени одбрана – напад“, истакна Брестовац.
Македонската репрезентација попладнево ќе го одржи и последниот тренинг во пресрет на утрешниот клучен натпревар, на кој победата е императив за продолжување на престојот на овој европски шампионат.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА