Брестовац го собра Металург, подготовките во три фази

Ракометарите на Металург денеска ја имаа првата прозивка под водство на новиот тренер Данило Брестовац и стартуваа со подготовките за новата сезона. Во следните три дена Металург ќе тренира во Скопје, а потоа продолжуваат со подготовките во Маврово до настапот на Супер Купот против Вардар во Струга на 18 август.

По Супер Купот, „металурзи“ продолжуваат со подготовките во Скопје за новата пресметка со гратскиот ривал во првото коло во СЕХА лигата (28/29 август)

Како што најави Брестовац, подготовките на Металург ќе се одвиваат во три микро-циклуси. Поради селекторските обврски во кадетската репрезентација која од 9 до 19 ќе настапи на ЕХФ шампионатот во Грузија, Брестовац ќе го пропушти првиот дел од подготовките на Металург и првиот натпревар со Вардар во Супер Купот. Во тој период до 20 август, подготовките ќе ги водат неговите помошници, Оливер Димитриоски и Петар Мисовски.

„Подготовките решив да ги поделам во микро-циклуси. Тие играчи што беа со мене во младинската репрезентација веќе го знаат тој систем на работа. Мислам дека тоа нема да биде напорен ритам и другите брзо ќе се приспособат. Треба да се подготвиме добро и физички и техничко-тактички и вистинската форма да ја постигнеме до стартот на натпреварите во Лигата на шампионите“ – истакнува Брестовац.

Ростерот на екипата останува отворен со можност во составот да се приклучи уште некое засилување. Од актуелниот состав, со задоцнување на подготовките ќе се приклучат српскиот голман Предраг Мијатовиќ  и хрватскиот бек Халил Јагањац кој како што се одвиваат работите, најверојатно ќе остане во дресот на Металург и во наредната сезона.

„Ростерот е отворен, ќе видиме што ќе ни недостасуваи таму каде што ќе има потреба ќе пополнуваме најверојатно со некој странски играч. Но, не по секоја цена да се земе некој странец, туку тоа да биде млад и квалитетен играч на позиција каде што треба. Но, прво ќе видиме како ќе се одвиваат работите и како ќе реагираат играчите на првите натпревари. Секој сам си ја крои судбината. Со моите соработници ќе настојуваме да донесеме правилна одлука, правилно да го селектираме тимот и да го подготвиме за сезоната што ни претстои“ – вели Данило Брестовац.

Во однос на лани, во составот на Металург ќе ги нема пикерот Жарко Пешевски, левите крила, Вања Илиќ и Давор Палевски, бекот Борјан Маџовски и десното крило Александар Гуглета. Повратници во тимот се Бојан Маџовски, Томислав Јагуриновски и Лука Стојановиќ, а нови имиња се  хрватскиот пикер Адријан Миличевиќ и српскиот голман Предраг Мијатовиќ

Се вчитува...