Металург конечно го скрши мразот и ја запиша првата победа сезонава совладувајќи го Татран Прешов со 30-28. Тренерот Данило Брестовац конечно може да здивне откако неговите избраници го напуштија теренот со кренати раце. Воедно, ова беше и проштален настап за хрватскиот бек, Халил Јагањац пред неговата преселба во Нексе.
„Се обидовме да играме поагресивно и да ја искористиме кратката ротација на противникот. Не би сакал да правам некоја подлабока анализа. Честитки до сите ракометари, како и до Јагањац кој беше наш лидер на овој меч. Очекувам да стане најдобар во светот. Ми беше особена чест и задоволство што работевме заедно“ – истакна Данило Брестовац.
Тренерот на Металург уште еднаш потенцираше дека во тимот од Автокоманда се работи добро и дека се на вистинскиот пат.
„Во овој процес кога создаваме играчи, ќе биде добро да фатиме континуитет. На местото на Халил Јагањац доаѓа нов играч, имаме време пред нас. Важно е младите играчи да имаат повеќе доверба во себе. Ни недостасуваше агресивност, денеска ја имавме во нормални гранции. Беше подобро од минатите натпревари. Напредуваме со секој тренинг и со секој натпревар. За врвни резултати треба трпение“ – додаде Брестовац.
По неделата на ЕХФ резревирана за репрезентативните активности и квалифиакциските натпревари, Металург во следниот натпревар во СЕХА лигата во Скопје ја пречекува Стеауа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА