Данило Брестовац се уште е во исчекување на конечен одговор од раководството на Ракометната Федерација на Македонија, но тренерот на Металург призна дека информациите за неговото преземање на кормилото на репрезентацијата го дефокусирале во пресрет на денешниот дуел со Железничар.
„Утрово се појави информацијата дека јас ќе бидам нов селектор на Македонија. Се што можам да кажам во моментов е дека јас конкурирав, но се уште немам добиено конкретен одговор. Тоа ме дефокусираше на овој натпревар, сите написи и пораки што ги добивав“ – истакна Брестовац.
Стратегот на Металург се осврна и на денешниот натпревар на кој забележа низа слабости во играта на својот тим.
„Честитки на Железничар за оваа добра партија. Малку сум нервозен бидејќи постои недисциплина во нашата игра, мораме да бидеме на ниво кога е најважно, да не се промашуваат клучни шанси, нешто што може да ни се одмазди на жешки терени како оној во Битола во плејофот. Пивотите одиграа стандардно лошо, во играта ни недостигаше Шпенде, загрижен сум во пресрет на плејофот, но верувам дека имаме време да ги корегираме пропустите“ – истакна Брестовац.
Данило Брестовац би требало да биде официјално именуван во нов кормилар на македонскиот национален тим во следните неколку дена, откако РФМ и Металург постигнат договор околу неговиот клупски статус. За очекување е да биде постигнат компромис, Брестовац да остане на чело на Металург до крајот на сезонава, а потоа да си замине од „Автокоманда“ и целосно да се посвети на репрезентативните обврски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА