Брестовац: Македонецот сака успех преку ноќ, но за се е потребно време

Селекторот на македонската репрезентација Данило Брестовац и по преспиената ноќ се уште е разочаран од слабото издание на ракометарите и поразот од селекцијата на Шведска.

„Поразот како пораз не боли толку, но ова што ни се случи на нас беше дебакл. Барем така јас го почувствував, ми беше многу тешко по натпреварот. Не очекував дека така ќе заврши  на крај. Но, кога ќе се земе сè во предвид, како аклиматизација, пристигнување во Египет во два часот по полноќ, четири часа патување за тренинг и сето тоа на само пред 10 часа до натпревар, мислам дека е многу. Колку и да сакавме да се подготвиме за овој натпревар, технички не можевме да го изведеме“, изјави Брестовац.

Македонскиот селектор уште еднаш потенцираше дека за смена на генерација во националниот тим и влегување во топ-ритам е потребно многу повеќе време.

„Сите се нестрпливи, сакаат успех на кратки патеки. Македонецот не е научен да создава, сака резултат преку ноќ. Јас потпишав договор на три години, моментно тече втората, пробуваме нови работи, имаме нови ракометари, создаваме репрезентација што ќе игра во наредните 15 години. Секако дека не сум задоволен од одиграното вчера, потфрливме во играта еден на еден и два на два. Сепак, знам дека можеме многу подобро, јас верувам во моите играчи. Ова што го говорам не е клише“, порачува Данило Брестовац.

Се вчитува...