Тиквеш е најпријатно изненадување на стартот од плејоф натпреварувањето откако кавадарчани забележаа две победи (над Пролет и Охрид) и едно реми (со Алкалоид) во првите три кола, јасно истакнувајќи ја својата кандидатура за излез во ракометна Европа во наредната сезона.
Тимот предводен од Данило Брестовац имаше осцилации во формата во првиот дел од сезоната, но затоа во февруари делуваше беспрекорно, играјќи „егал“ со силниот тим на Алкалоид, пред рутински да ги победи Пролет во Скопје и Охрид во својата сала „Јасмин“ во Кавадарци.
„Секако дека сум задоволен од начинот на кој го почнавме плејофот, иако сакам да потенцирам дека не сум изненаден. Јас верувам во квалитетот на тимот што го имам на располагање, се што беше потребно е време за да кликнеме како екипа, играчите да се навикнат на мојот систем на работа, но и јас да се навикнам на нив. Работевме напорно сиот овој период, се вклопивме заеднички во различни тактики во нападот и во одбраната, така што сега може да се види нашето вистинско лице“, задоволен е Брестовац.
Поранешниот селектор на Македонија е оптимист дека неговиот тим може да игра уште подобар ракомет во периодот што следи, за остварување на големата желба – излез на Тиквеш во ракометна Европа.
„Искрено верувам дека можеме да играме уште подобро, наскоро ќе ни се врати важен повреден играч, со што ќе бидеме уште посилни на пивотменската позиција. Ако сме реални, не можеме да се носиме со екипите кои важат за „гиганти“ во мак-ракометот, но затоа можеме да се надигруваме и да ги победиме сите останати. Ако првите три места на табелата според многумина се веќе резервирани, јас воопшто не се сомневам дека Тиквеш има квалитет за да дојде до таа четврта позиција и да се пласира во Европа, што е огромна желба на сите во клубот. Со игрите што ги покажуваме во последно време дефинитивно го заслужуваме тоа“, истакнува Данило Брестовац.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА