Потешко од очекувањата, Македонија дури по изведувањето на пенали успеа да ги победи Фарски Острови и да се избори за финале на ЕХФ шампионатот (У20) што се одржува во Скопје. Младите македонски ракометари иако ја имаа улогата на фаворити во овој дуел, направија многу грешки и со мака стигнаа до посакуваниот триумф. Селекторот Данило Брестовац презема дел од вината за лошото издание на македонската репрезентација во ова полуфинале, но истакнува дека победата е заслужена.
„Мислам дека заслуживме да победиме. Среќата некогаш мора и да се заслужи и ја заслуживме. Уморни сме, благодарение на РФМ, вчера направивме криотерапија. Тоа беше позитивно, се виде некоја свежина посебно во првото полувреме“ – истакнува Брестовац.
Одбраната беше подобриот дел на овој натпревар, а проблем реализацијата во нападот и на моменти, како што вели селекторот, погрешната ротација.
„Многу не намачи таа игра седум на шест, промашивме многу зицери во напад, сите имавме по неколку грешки. И јас направив некои грешки во ротација, прифаќам дека не беше се како што треба. Многу е тешко да се браниш 50 минути со седум на шест, посебно во ситауција кога менуваме двајца играчи. Примивме мал број на голови и можам да кажам дека одбраната добро функционираше. Во нападот проблем ни е реализацијата, можеби малку придонесе и лошата ротација од моја страна, не може да се предвиди кој се ќе даде гол, кој ќе промаши. Сега не можам уште ништо да кажам за утрешното финале со Белорусија. Ќе направиме анализа и ќе се подготвиме“ – вели селекторот на македонската репрезентација.
Финалето на ЕХФ шампионатот Макеоднија – Белорусија е утре со почеток во 20 часот. Победникот од овој меч обезбедува пласман на младинското ЕП наредната година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА