Селекторот Данило Брестовац не го криеше задоволството по триумфот на нашата репрезентација над Чиле, со кој „црвено-жолтите“ се пласираа во следната рунда. Со тоа, се намалува притисокот врз ракометарите и врз самиот селектор, кој го истакна Ненад Костески како позитивен пример за играч од овој шампионат што го добиваме како стандарден репрезентативец за наредните десетина години.
„Да бидам искрен, не се сомневав дека ќе го победиме Чиле. За момент малку се исплашив поради онаа тимска реакција на првите две средби, но овој трет меч беше сосема поинаков, одигравме добро, потпрени на постарите ракометари и на голманите. Кога се ќе се собере и одмземе – ова беше тимска победа во која секој си го даде оптимумот. Мило ми е што гледам дека почна и јавноста да им верува на одредени играчи, по примерот на Костески, во кого може да добиеме крило во наредните десет години на ова СП“, истакна Брестовац.
Тој уште еднаш го потенцираше проблемот што го смета за клучен, малата минутажа што голем дел од овие ракометари го имаат во клубовите, што негативно се одразува врз репрезентацијата.
„Триумфот над Чиле може да биде позитивен знак, да направиме чекор напред, па во следните три меча да влеземе порастоварено, затоа што нашата цел е остварена и ќе може да играме без голем притисок. Она што го очекувам е да се наметнеме со некој квалитет, борбеност и дисциплина и да покажеме нешто што не го покажавме претходно. Овие играчи имаат мала минутажа во клубовите, носат позитивен притисок затоа што играат за националниот тим, ама со нив мора да бидеме и потрпеливи. Македонскиот ракомет се наоѓа во специфична ситуација“, изјави Брестовац.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА