Данило Брестовац повторно ќе биде дел од македонскиот клупски ракомет, овојпат како шеф на стручниот штаб на Металург. Младиот стратег потпиша тригодишен договор со актуелниот вицешампион на Македонија, но свесен е дека предизвикот пред него воопшто не е мал.
„Јас не сум магионичар, не сум Коперфилд за да ветувам чуда, можам само да ветам дека Металург ќе остане лидер во регионот во работата со млади категории и ќе го дигнеме клубот на едно повисоко ниво. Имам поддршка од сопственикот во Металург да ги примениме тие современи методи и системи од моето искуство во Шамбери да бидеме во чекор со сите тие современи тренерски процеси, со сето тоа би профитирал и македонскиот ракомет и репрезентацијата“ – истакна Брестовац.
Приоритет на Металург останува работата со млади играчи, кои би заиграле на високо ниво на сениорски клуб, па потоа би заминале во странство.
„Целта е таа, Металург да биде фабрикант што ќе произведува играчи за големите европски клубови. Овде ќе има место само за оние што сакаат да работат, да се посветат на работата и да напредуваат. Ќе имаме можност сето тоа да го ставиме во функција . После три години ќе имаме можност да подвлечеме црта и да видиме сто сме сработиле и што сме успеале да реализираме“ – вели новиот тренер на „металурзите“.
Тој најави и дека во наредните денови ќе ги соопшти имињата на членовите во неговиот стручен штаб, кои би биле дел од новиот проект во Автокоманда.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА