Металург го освои првиот бод сезонава, но „металурзи“ може да жалат за испуштената шанса да стигнат до победа во дуелот со Извиѓач (27-27), а тренерот Данило Брестовац да бара решение за падот во второто полувреме. По четири одиграни натпревари во регионалната СЕХА лига, макеоднскиот вицешампион има три порази и еден бод од вечерашното реми.
„Среќен сум што прв пат сезонава сме комплетни. Во првото полувреме требаше да го решиме мечот, но имаме проблем во вториот дел на сите натпревари. Имаме млади играчи кои можеби се задоволуваат со само едно добро одиграно полуврме. Влегуваме во технички грешки кои се несфатливи. Искрено, очекував дека ќе победиме барем со еден гол разлика. Но, мислам дека кога ќе ги споредиме овие две полувремиња, резултатот е реален“ – изјави тренерот на Металург, Данило Брестовац.
Во следниот натпревар во СЕХА лигата, Металург на 2 октомври ќе му гостува на ППД Загреб и на Лино Червар, а во меѓувреме, „металурзи“ ќе одиграат два натпревари во Лигата на шампионите на домашен терен, на 23 септември со Бешикташ и на 30 септември со Татран Прешов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА