Македонскиот селектор Данило Брестовац на средбата со медиумите во Виена во очекување на утрешниот старт на Европското првенство, отворено ја нагласи желбата за успешен почеток против Украина и покрај тоа што Македонија ја очекуваат три тешки дуели во групата.
Јасно е дека најинтересниот момент за целокупната македонска јавност е зошто капитенот Кирил Лазаров воопшто не настапи на пријателските дуели во Словенија, против Црна Гора и домаќинот Словенија…
„Јас искрено би сакал Лазаров да игра постојано, да игра 60 минути на натпревар… Но, да бидеме реални, Кире е во поодминати години и сепак природата си го чини своето. А, ние мора да го почитуваме тоа. Затоа неопходно е и јас како селектор да ги почитувам размислувањата на Лазаров. Факт е дека ние сме 60-70% подобри со Кире во тимот, но има 40 години и ние тоа мора да го почитуваме“ – истакна Брестовац, притоа дополнувајќи:
„Првпат работевме подготовки надвор од Македонија. Имавме и доволно денови за одмор по напорната сезона. Мислам дека сме повеќе од доволно подготвени, нема некои изненадувања знаеме што не чека. Едно е пријателски натпревари а друго се официјални натпревари на големи натпреварувања“.
Околу отсуството на Велко Маркоски….
„Нема да имаме проблем мислам за покривање на дефанзивните задачи и покрај отсуството на Велко Маркоски. Тука се Стоилов, Кузмановски… а имаме и млади ракометари кои мислам дека ќе имаат можност да го покажат својот талент, ракометен раскош и да покажат дека сме заслужено тука. Очекувам сите три натпревари да бидат тешки. Ќе треба да сме дисциплинирани. Не се плашам дека ќе бидеме на ниво и ќе одговориме на најдобар начин на секој натпревар“ – вели Брестовац.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА